Новиот лидер на Хонг Конг, Кери Лам денеска положи свечена заклетва пред претседателот на Кина, Си Џинпинг, со што официјално го презеде управувањето со овој специјален кинески автономен регион.
Полагањето заклетва се одржа на пристаништето во Хонг Конг, на истото место каде на денешен ден пред точно 20 години се одржа церемонијата со која Велика Британија и ја предаде управата на оваа дотогаш британска прекуморска територија на Кина.
Лондон му ја предаде управата над Хонг Конг на Пекинг на 1 јули 1997 година, врз основа на договорот кој предвидува власта во овој град да функционира по моделот „една земја, два системи“, кој гарантира повеќепартиски претставнички систем во специјалниот регион, со почитување на граѓанските слободи и независен судски систем.
Истиот модел функционира и во вториот специјален кинески автономен регион Макао, кој е поранешна португалска територија, за разлика од останатиот дел на Кина, каде постои монопол и целосна неприкосновена власт на Комунистичката партија.