Спортскиот модел „Масерати Гран Туризмо“ за идната продажна година доби подобрен мултимедијален систем, но и изглед кој сега многу асоцира на концептниот модел „Алфиери“.
Редизајнираниот „Гран Туризмо“ беше претставен на атипичен начин во Њујорк, пред познатата берза во Волстрит, а свеченоста ја отвори првиот човек на славната италијанска автомобилска компанија Рејд Бигланд.
Со минимално „затегнување на брчките” италијанскиот автомобил доби и освежено „лице” на кое сега се истакнува хексагонална маска на ладилникот и нови филтери за воздух во предниот одбојник кој на себе носи зголемен насочувач на воздухот.
„Масерати“ соопшти дека како инспирација го користеле изгледот на моделот „Алфиери“, чија судбија се уште е матна. Во секој случај, „Гран Туризмо“ сега има нешто помал отпор на воздухот.
Внатрешноста е опремена со подобрен мултимедијален систем со кој се управува преку 8,4-инчен дисплеј, а врвниот аудио-систем во овој случај стигнува од компанијата „Харман Кардон“. Тастерите за управување со работните програми сега се сместени во долниот дел на централната конзола, а купувачите можат да изберат меѓу неколку можни комбинации од материјали за обложување на седиштата и кабината.
„Гран Туризмо“ и натаму го покренува познатиот 4,7-литарски В8 мотор на „Ферари“, кој располага со над 460 коњски сили и 250 њутн метри најголем вртлив момент, кој на задната осовина се дистрибуира преку автоматски шестстепен менувач.
Моделот „Гран Туризмо Спорт“ од 0 до 100 километри на час стигнува за 4,8 секунди, а на полесната верзија „MЦ“ за истиот резултат му се потребни 4,7 секунди.