Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ е поканета да учествува на 41 седница на УНЕСКО која оваа година ќе се одржи во Краков, Полска од 2 до 12 јули 2017 г. Иницијативата Охрид ЅОЅ е поканета во својство нанабљудувач и е единствен претставник од граѓанскиот сектор во Македонија.
„Почестени сме што ја добивме поканата бидејќи таа е доказ и потврда за нашата работа, како и за меѓународното признание на Охрид ЅОЅ во полето на заштита на светското природно и културно наследство на Македонија“ – изјави м-р Емилија Апостолова Чаловска, претставничката на Охрид ЅОЅ.
Пред одржувањето на седницата на УНЕСКО,на која, меѓу другото, ќе се разгледува состојбата на заштита на охридскиот регион, Охрид ЅОЅ учествува на Меѓународен форум за светско наследство во организација наWorld Heritage Watch (WHW)од 30 јуни до 1 јули 2017 г.Нашата претставничка ја доби честа денес да ја отвори конференцијата со својот труд и презентација.Студиите и извештаите кои се произведуваат како дел од активностите на WHW со цел обезбедување ажурирани и сеопфатни податоци од интерес за состојбата на локалитетите впишани во листата на УНЕСКОпотоа се користат од страна на Комитетот за светско наследство (World Heritage Committee) и други одговорни тела на организацијата на Обединетите Нации.
Трудот сокој ОхридSOS ќе се претстави на Форумот е насловен Охридско Езеро: Светско културно и природно наследство под закана (Ohrid Lake: World Cultural and Natural Heritage in Peril) и во 15-минутно излагањеќе го презентира една од авторките, м-р Апостолова Чаловска.Трудот во целост е објавен во Извештајот на WHW за 2017 година и е доставен до делегатите на државите-членки кои ќе земат учество во работата на годинешната 41 седница на УНЕСКО.
„Со овој труд Охрид SOS ќе ја запознае светската јавност со опасноста во која се наоѓа охридскиот регион, недоволната заштита и идните развојни проекти кои сериозно го нарушуваат и загрозуваат како природното, така и културното наследство на овој локалитет од универзално, светско значење за човештвото“, изјави м-р Апостолова Чаловска.
Присуството на Охрид SOS на Меѓународниот форум и на Седницата на УНЕСКО е од витално значење имајќи ја предвид реактивната мисија на УНЕСКО која беше остварена во април 2017 г., извештајот кој произлезе од оваа мисија и можноста за потенцијално впишување на охридскиот регион во листата на Светско наследство во опасност, што е само еден чекор од негово целосно бришење од листата на УНЕСКО.
„Охрид ЅОЅ повеќе од две години посветено и целосно волонтерски работи на спречување на штетните инфраструктурни проекти, на соодветно информирање на јавноста за нивното вистинско влијание и на поттикнување одржлив развој на регионот преку кој ќе се обезбеди достоинствен живот за локалното население и ќе се спречи отселувањето на младите квалитетни кадри“, подвлече м-р Апостолова Чаловска.