Предлог-проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишко Блато

Од:

Секоја година, на 2 февруари се слави Светскиот ден на блатните екосистеми. Овогодинешната тема е Блатните екосистеми за одржлива урбана иднина, што повикува на препознавање на виталната улога што блатните екосистеми ја играат за урбаните средини. Годинава, а во духот на веќе тригодишната битка за заштита на Студенчишко блато, Охрид ЅОЅ го објавува предлог-проектот за одржлив развој на Блатото со хармонизација на заштитата на неговата уникатна природа и негово ставање во функција на туризмот. Иако во идејна фаза веќе извесно време, предлог-проектот беше најпосле изработен од членовите на Иницијативата, а минатата недела му беше предаден на градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски и останати вработени од Општина Охрид.

Проектот се темели на два основни и во урбаното планирање сосема занемарени, аспекти на Студенчишкото блато: екосистемските услуги преку кои Блатото ја обезбедува благосостојбата на луѓето, од каде што произлегува неоходноста и ургентноста не само за негова заштита, туку и за ревитализација на деградираната површина, барем во проценетите 63,97 хектари според Интегрираната студија од 2012 година, искористување на Блатото во насока на туристичкиот развој на регионот што само по себе е уште една од екосистемските услуги, а тоа е културолошката.

„Екосистемските услуги, едноставно кажано, се разбираат како економска добивка за општеството од процесите на екосистемите. Во случајот со Студенчишко Блато, тоа се функциите кои тоа ги врши како прочистувач на водите, заштитник од поплави, одржувач на биолошката разновидност, мрестилиште на риби, гнездилиште на птици, собирач на јаглероден диоксид, регулатор на микроклимата, место за рекреација. Големината на блатото ги одредува и неговата функција, квалитет и отпорност. Но, ако се изгубат, трошоците за надоместување на овие екосистемски услуги ќе бидат огромни и неподносливи за македонската економија, а некои нема воопшто да може да се надоместат. Сето тоа на најголема штета на Охридското Езеро како природно богатство и доминантен туристички ресурс за Македонија“, соопшти Охрид ЅОЅ.

Со овој проект, локацијата на Студенчишкото Блато е замислена како музеј на отворено, место за интеракција со природата, за истражување на сопственото минато, едукација и јакнење на свеста за виталната важност на зачуваните екосистеми, за нераскинливата врска меѓу квалитетот на нашите животи и здравата животна средина, ново место за рекреација. За валоризација на Блатото како туристички производ, проектот нуди изобилство на идеи за уредување на просторот без негова деградација. Така, Студенчишко Блато би се развило во туристичка атракција од нов вид, но и проширена со Билјанините извори и ранохристијанската базилика.

Исто така, проектот нуди и краток акциски план за организирано остварување на понудениот концепт, а понудени се и идеи за почетно финансирање и обезбедување на финансиска одржливост на проектот, за што е нужна сеопфатна и стручна имплементација и посветеност.

Овој проект е всушност последната од многуте активности на Охрид ЅОЅ за спас на Студенчишко Блато. Сè почна со: Блатото е срце на езерото како слоган – отпор кон измените на ГУП за Охрид на почетокот на 2015 година со што се предлагаше подрачјето на Блатото да биде претворено во градежна парцела за „елитна населба“. Конечно, дури после 2 години континуирани активности и непопустливост од наша страна, пролетта 2017 година, оваа идеја беше напуштена. Денес, скоро една година подоцна, Студенчишко Блато сè уште го чека својот одамна заслужен статус. Воедно, Охрид ЅОЅ се насочи и кон забрзување на процесот за номинација на Студенчишко Блато и Охридско Езеро за воден систем од меѓународна важност според Рамсарската конвенција, на чијашто шедоу листа (shadow list) односно во status quo, Езерото се наоѓа со децении.

„Охрид ЅОЅ активно започна да работи на ова уште во 2016 година, а во ноември 2017 година поднесовме и иницијатива до Националниот Рамсарски Комитет, Министерството за животна средина и просторно планирање и премиерот со барање за трајна заштита на ова национално природно богатство. Во меѓувреме, претставниците на Охрид ЅОЅ учестуваа на две последователни конференции на Друштвото на истражувачите на блатните екосистеми, во 2016 и 2017 година, публикуваа еден научен труд, придонесоа и со поглавје за Студенчишкото Блато во книга која IUCN годинава треба да ја објави, а учествуваа со свое излагање и на 41 седница на Комитетот за светско наследство во Краков, Полска каде што пред светската јавност ги предочија опасностите со кои се соочува регионот, директно посочувајќи на Студенчишкото Блато и повикаа на активно вклучување од сите страни за негова трајна заштита“, се наведува во соопштението..

Годинава, од 30 април до 4 мај Охрид ќе биде домаќин на 13-тата Европска конференција на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми чиешто остварување исто така го потпомогна Охрид ЅОЅ, а која во Охрид ќе донесе десетици најеминентни научници од оваа област.

„Затоа, на овој ден на блатните екосистеми, неопходно е да се потсетиме дека сите сме повикани и одговорни да преземеме чекори за зачувување, обнова и заштита на урбаните блатни системи. Единствен таков, на нашиот брег на Охридското Езеро, е Студенчишко Блато! Да му дозволиме да живее бидејќи со примена на современите технологии, атрактивни промотивни алатки и социјалните медиуми, како и интегрирање на Блатото во осмислено патување низ природата на охридско-преспанскиот регион, Студенчишко Блато може да одигра клучна улога во ребрендирање на Охрид како туристичко место свесно за својата вредност и одговорно кон својата иднина“, информираат активистите од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ.

Би можело да ве интересира

Нуредини: Го ставивме Студенчишко Блато под привремена заштита

Ана Ололовска

Чоловиќ Лешоска за прогласувањето на третото Рамсарско подрчаје: Да се стави крај на загадувањето и непланската урбанизација

Изготвена студијата за прогласување на Студенчишко блато за парк на природата

Жарко Настоски

Кујтим Усеини: Багерот што вади песок од Охридското Езеро не е сопственост на „Нефи ИК“

Ана Ололовска

Багери на Нефи Усеини копаат песок за неговата бетонска база која требаше да се урне

Габриела Димковиќ-Мишевска

Студијата за валоризација на Студенчишкото блато, прв чекор кон негово прогласување за заштитено подрачје

А1он