Припадници на арапско-курдската бунтовничка коалиција Сириски демократски сили (СДФ), која е поддржана од САД, целосно ги опколија борците на џихадистичката група Исламска држва (ИД) во Рака, која важи за „главен град“ на т.н. Исламски Калифат.
Во соопштение на СДФ се наведува дека арапско-курдските сили целосно ги „запечатиле“ сите приодни патишта кон Рака, оневозможувајќи им на џихадистите кои се во градот да побегаат. Информацијата во одделно соопштеније ја потврди и американската војска.
ИД ја освои Рака на почетокот од 2014 година и во оовј сириски град го смести својот главен штаб и подоцна го прогласи својот „Исламски Калифат“.
Борците на СДФ го започнаа напредувањето кон Рака уште во ноември минатата година, а од почетокот на овој месец покрена силна офанзива.
Претставник на американската војска која им пружа логистичка поддршка и им испорачува оружје и муниција на борците на СДФ, изјави дека „џихадистите се напуштени од своите водачи, но дека се уште пружаат отпор“. Според него, припадниците на СДФ во текот на оваа недела освоиле околу 20 квадратни километри територија околу Рака.
Според изјави на курдски борци, џихадистите одбиваат да се вклучат во директна вооружена борба, туку користат бомбаши-самоубијци и поставуваат мини низ градот за да го запрат напредувањето на СДФ.
Проблем при напредувањето е што се стравува дека најмалку 100 илјади цивили се заглавени меѓу завојуваните страни.
Се претпоставува дека во Рака има повеќе од четири илјади џихадисти, кои ќе се обидат да побегнат од градот, користејќи ги бројните тунели што ги ископале изминатите три години.
Заземањето на Рака од страна на сириските бунтовници ќе претставува сериозен удар за џихадистите на ИД во Сирија.