Работното време на сите угостителски објекти во Пехчево ќе биде продолжено до 3 часот наутро за време на Фестивалот на трубата кој ќе се одржува од 13-ти до 15 јули.
Општина Пехчево го објави и огласот на распределба на 19 локации за штандови. Живко Каликов, соработник за односи со јавноста во Општината, денеска на прес-конференција рече дека локациите за штандовите се со различна квадратура и се наменети за скара, традиционална пехчевска храна, пијалаци итн.
– Општината ги информира и повикува сите заинтересирани угостители од Пехчево и од цела Македонија да поднесат барање за закуп на простор на плоштадот „Св. Петар и Павле“ во Пехчево најдоцна до утре, 30 јуни 2017, до 9 часот. Барањата треба да бидат поднесени во просториите на локалната самоуправа. Претставници од угостителите кои поднеле барање задолжително треба да бидат присутни поради распределувањето на парцелите, која ќе биде извршена со усно јавно наддавање, одделно за секоја парцела, истакна Каликов.
Фестивалот ќе почне на 13 јули со традиционалниот етносаем, а ќе заврши на 15 јули. Ќе настапат Љубојна, Наум Петрески и Зуица Лазова, како и босанската група Црвена јабука која ќе го затвори фестивалот. Најавени се и ревијални концерти на дувачки оркестри од Македонија, Србија и Бугарија, меѓу нив Џамбо Агушеви, Уска-кан, Млади Агушеви, Бојан Ристиќ од Србија.
Организаторите истакнуваат дека седмото издание на Фестивалот ќе биде со беспрекорна организација, иако имале малку време за неговата подготовка.
– Имавме малку време да се подготвиме за седмото издание на Фестивалот на трубите, поради сите турбуленции што не следеа. Оваа година ќе има безброј изненадувања, новитети, прекрасна музичка програма и одлична незаборавна забава. Нема од ништо да изоставиме и покрај краткото време на организација. Ќе има музика за сите генерации за да може секој да се пронајде во репертоарот, истакна Елица Јовевска, директор на Фестивалот на дувачки оркестри.
Таа соопшти дека се решава и проблемот со паркинг-просторот, а во функција на фестивалот се ставени и сите сместувачки капацитети во Пехчево.
– Паркинзите и режимот на сообраќај ќе бидат максимално регулирани, нема да има никаков проблем во однос на паркирање на возилата и проодот за гостите до плоштадот „Св.Петар и Павле“, каде ќе биде поставена бината. Сакаме и да ги известиме посетителите дека сите сместувачки капацитетиво Пехчево, хотелското и приватното сместување, се скоро резервирани. Организаторите на фестивалот ги покануваат сите оние кои сакаат да присуствуваат на фестивалските денови да си резервираат сместување во најбрз можен рок, истакна Јовевска.