Рајнхарт Прибе го започна денес скенирањето на состојбата во институциите во Македонија, почнувајќи од министерствата за надворешни и за внатрешни работи, за правда и за евроинтеграции. По средбите претпладнето тој не сакаше да дава проценки изјавувајќи дека е рано за тоа и дека најпрво сака да ја согледа состојбата.
Покрај останатите состаноци, беше најавено дека Прибе ќе има средба и со преставници на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, што изминатите години не успеја да ја инволвира во процесот на реформите. Судејќи по се, Брисел не се откажува од намерата да ги седне сите на маса околу промените што треба да се спроведат во повеќе клучни сфери во земјата.
Од владата изјавија дека помошта на Прибе е добродојдена и дека во јули ќе биде објавен планот со краткорочни рокови од три, шест и девет месеци кога треба да се направат клучни реформи во судстото, јавната администрација, безбедносните служби, медиумите, регулаторните тела и борбата против корупцијата.
Улогата на Прибе, иако се преставува како главна и техничка, ќе биде пред се политичка бидејќи треба да му даде тежина на процесот на реформи кој треба да стане неповратен во Македонија, односно кратко кажано – преку него Брисел ќе им дише во врат на носителите на одлуки кај нас.
Се очекува Прибе денес да ја заврши посетата и да си замине од Македонија. Најавено е дека по средбите ќе биде објавена информација за разговорите денес.