Тимот „Animove“ е единствен од Македонија кој учествува и се обидува да влезе меѓу петте финалисти на глобалниот натпревар #youforG20 во Германија.
„Animove“ на натпреварот се претставува со две решенија за заштита на биодиверзитетот: веб апликација и динамо ГПС прототип за следење на организмите. Решенијата се изготвени по претходна обработка на двата загрозени вида во Македонија, египетски мршојадец и европска јагула.
– Веб апликацијата ќе биде еколошка социјална мрежа и ќе содржи податоци, мапи, локација на живеалиштата, ресурси на храна, траекторија на миграција на различни загрозени организми. Целта е да содржи информации за сите загрозени организми во светот и со тоа да биде алатка на сите граѓани и научници. Тоа ќе овозможи пристап до сите податоци на едно место и жителите во светот ќе можат да се информираат за загрозените организми кои живеат во или околу нивните градови и како можат да помогнат, објаснува „Animove“.
Вториот дел од решението е ГПС – локаторот за различни птици и риби, кој научниците, еколошките друштва ќе може да го користат за следење на организмите и со тоа да дојдат до причините за нивното изумирање. Локаторот ќе се напојува од движењето на организмите, крилјата кај птиците и перките кај рибите.
За проект на „Animove“ може да се гласа со ставање „лајк“ на проектот, на линкот https://youforg20.deutschland.de/en/saving-species-macedonia.