ДУИ денеска, на собраниската Комисија за труд и социјална политика, во рамки на амандманската расправа, уште еднаш го искажа ставот дека Предлог законот за бранителите поднесен од владејачката ВМРО-ДПМНЕ е селективен, едностран и спротивен на Охридскиот рамковен договор.
Пред почетокот на дискусијата, Комисијата, со мнозинство гласови, по барање на Талат Џафери, се согласи, освен предлагачот на законот, и предлагачот на амандманите да има овластен претставник и негов заменик и тие воедно да имаат право на повеќе од една процедурална забелешка.
Џафери потоа го повлече 34. амандман по што замина на координација кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. На следниот, 35-ти амандман, што беше отфрлен од Комисијата, се осврна Арбен Љабеништа.
– Овој амандман не настојува да го измени, туку да го спречи донесувањето на законот кој е штетен за Македонија. Законот нема никогаш да помине во Собранието независно дали за тоа ќе имаме поддршка од пратениците на ДПА. ДУИ ги имаме сите можности да каже „стоп“ за предлогот. Поднесовме повеќе од 15.000 амандмани со кои ќе го спречиме неговото усвојување, нагласи Лабеништа.
Беким Фазлиу од ДПА претходно упати забелешка за работата на Комисијата со констатација дека не се почитуваат собранискиот Деловник и Уставот. Според него, предлог законот за бранителите воопшто не требаше да влезе во собраниска процедура.
Денешното продолжение на седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика почна со задоцнување од два и пол часа. Единствена точка на дневниот ред е Предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства. Со седницата што ја закажа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, наместо Цветанка Иванова претседава Сузана Анова, член на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Вељаноски го закажа продолжението на седницата врз основа на член 120 став 3 од Деловникот, откако Иванова одби да ја води бидејќи од неа беше побарано да закаже друга седница на чиј дневен ред беа девет закони во прво и второ читање, меѓу кои и за зголемувањето на пензиите. Иванова сметаше дека најнапред треба да заврши седницата на Комисијата на која се треба да се разгледаат сите над 15.500 амандмани на законот за бранителите.
По почетокот на денешната расправа Цветанка Иванова рече дека СДСМ ќе го поддржи законот за бранителите и дека ќе стори се за да дојде до пленарна седница.
Законот за бранителите го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а амандамните се на ДУИ која сака да го блокира неговото донесување.