Околу проектираната минимална плата од 12.000 денари што беше и предизборно ветување, не треба да постои дилема, за тоа ќе има пари во ребалансот на Буџетот, соопшти денеска министерот за финансии Драган Тевдовски пред консултативната средба со претставниците на синдикатите на која присуствува и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Како што напомена Тевдовски, идејата е да се скрати од комотитетот на власта, а поддршка за зголемување на минималната плата даваат и работодавачите. Според нив, рече Тевдовски, апсолутно има простор за зголемување на минималната плата но, ако нема политички притисоци и казни.
– Почнува отворениот дијалог за зголемување на минималната плата што беше ветување во предизборниот период. Според нашиот план, минималната плата ќе изнесува 12.000 денари и ќе важи за сите. Целосно сме отворени и сакаме да ги слушнеме синдикатите, не само за висината, туку и за другите отворени прашања поврзани со минималната плата како што е вреднувањето на учинокот, истакна Тевдовски.
Вакви консултации, најави, во среда ќе се одржат и со стопанските комори и работодавачите, а потоа, договореното решенија ќе биде претставено и дебатирано на Економско-социјалниот совет.
– За законите, особено оние битни за работниците, треба да се дискутира со ваков отворен пристап. Од друга страна, рековме дека ќе го ослободиме деловниот амбиент, мислам дека тоа веќе се чувствува, од првиот ден гледавме да има неселективен повраток на ДДВ, да нема никакви притисоци што секако ќе обезбеди простор за зголемување на платите, потенцира Тевдовски.
И министерката Царовска рече дека само со отворен, директен пристап може да се дојде до квалитетно решение.
– Го отвораме процесот на разговор, дијалог за зголемување на минималната плата. Она што го ветувавме во предизборниот период, денеска почнуваме да го остваруваме. Широки консултации се многу важни, само така можеме да донесеме квалитетни одлуки. Ќе се трудиме во сите гранки да има еднаква минимална плата и се надеваме дека скоро тоа ќе стане реалност со оглед дека претходно имаше дискриминирачки одредби за гранките кои се најранливи, нагласи Царовска.
Поосчи и дека како министер за труд, секогаш ќе ги брани работничките права и работниците кои се најзагрозени.
– По дебатата на Економско-социјалниот совет, очекувам дека скоро ќе излеземе со законско решение кое ќе биде квалитетно и усогласено со сите чинители, подвлече министерката.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Тевдовски напомена дека во врска со зголемувањето на минималната плата особено ќе се води сметка да не се дозволи простор компаниите да вршат какви било притисоци и злоупотреби врз вработените.
– Најголем дел од овие консултации, посебно денешните, со синдикатите, се насочени токму кон овие прашања – точно да ги утврдиме решенијата кои би ги спречиле злоупотребите, посочи министерот.
Најави и дека многу брзо, од почетокот на јули Министерството ќе почне со објавување детални извештаи за јавните финансии што ќе значи транспарентност во трошењето на парите на граѓаните. – Во однос на даноците, главаната идеа е да бидеме умерени и да се прават паралелно со ефикасноста на институциите, истакна министерот за финансии.
На краток рок, информира, нема да има никакви промени во однос на враќањето на прагот на даночните обврзници. – Сите наши промени ќе бидат отворенби, презентирани на веб страницата на Министерството и дебатирани, а јавноста навреме ќе биде информирана, рече Тевдовски.