По однос на јавните реакции за неговото именување за амбасадор и шеф на мисијата на Република Македонија во Европската Унија, поранешниот пратеник Александар Николоски денеска се јави со реакција. Истата, според него, е со цел да укаже дека „одговорите на сите прашања лежат во Уставот на Република Македонија и Законот за надворешни работи”.
– Почитувањето на истите нема алтернатива. Исто така, врвен приоритет за Македонија е да се подобри нејзиниот углед во ЕУ што би го олеснило интегративниот процес, а тој углед во Брисел можеме да го подобриме само со широк политички и општествен консензус, а не со политикантски препукувања. Како амбасадор на Република Македонија во ЕУ, ќе ги претставувам сите наши граѓани, сите државни институции и фактори и заради тоа не се кандидирав за претеник на последните избори, и се повлеков од сите функции во ПС на Совет на Европа, како и од сите партиски функции. Сметам дека за оваа битна дипломатска тема не е потребно медиумско надмудрување, туку координација и усогласување помеѓу претседателот на Република Македонија, премиерот, министерот за надворешни работи и мене како амбасадор. Така ќе ја поштедиме јавноста од јавни препукувања, а достојно ќе се усогласиме за интересите и угледот на Македонија во Брисел. Јас сум подготвен за тоа и во таа насока ќе се воздржам од секакви други јавни изјави во следиот период. Македонија во ЕУ нека биде нашата заедничка цел, порача Николоски.