Во Лос Анџелес се наоѓа семејниот дом „Хајд Аут Хаус“, кој е редизајниран од страна на архитектот Дин Брун.
Сопственикот на домот, визуелниот уметник Џејмс Џин сакал неговата куќа да наликува на отворена галерија, а токму од оваа причина целиот приземен спрат е отворен кон дворот.
„Хајд Аут Хаус“ користи основни материјали, како што се дрво, бетон и стакло за својата конструкција. Има многу прозорци и светларници за да обезбедат ентериерот да биде облеан во идеална количина на природна светлина.
Естетиката на ентериерот користи контрасти на бои и материјали, налик на бел бетон помешан со дрвени површини на орев. Отворениот план на просторот е комбиниран со минималистички мебел, кој го зголемува слободниот простор.
На спратот на куќата се наоѓаат спални соби, од кои главната води кон стаклена оградена зен градина која е наменета за медитација. Оваа голема спална соба исто така содржи и вграден кревет, заедно со полици за книги од подот до плафонот.