Нино Васев е нов директор на Клиниката на онкологија. Досегашниот директор Милан Ристески кој беше еден од учесниците во немилиот настан во Собранието на 27 април е разрешен со решение на министерот Арбен Таравари.
До промена на директорите дојде и на Клиниката за неврохирургија откако актуелниот директор Александар Чапаровски беше приведен за земање мито од пациенти, за в.д. директор на клиниката назначен е Илија Панговски.
Се очекува и смена на директорката на Клиниката за гинекологија Марија Хаџи-Лега. Како нејзина замена се споменува името на докторката Викторија Јовановска. Најавена е и ревизија на целокупното работење на директорката и на нејзините претходници, Сашо Јовчевски и Адела Стефанија.
Министерот Таравари неодамна најави смена на директорите, но дел и дека ќе останат на своите функции, а таквите одлуки ќе ги донесува според стручноста и професионалноста, а не според политичката припадност.
Во јавноста се говори дека директорката на Клиниката за детски болести, Аспасија Софијанова како и поранешниот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Сашко Кедев ќе ги задржат директорските места во своите клиники.