Каматите на краткорочните грчки државни обврзници денеска паднаа до својот минимум од 2014 година, откако еврозоната вчера одлучи на Атина да и ја одобри новата спасувачка транша од 8,5 милијарди евра, јавија британските медиуми.
Каматата на двегодишните грчки обврзници паднаа за 20 поени до 4,76 проценти, што е најниското ниво од октомври 2014 година. Со вакво темпо се намали и каматата на 10-годишните обврзници, до 5,67 проценти, што е најниско ниво од 22 мај.
Оваа тенденција е во спротивност со зголемувањето на каматите на обврзниците во другите земји од еврозоната, само еден ден откако проекциите за построга валутна политика во САД и Велика Британија ги присилија инвеститорите забрзано да ги распродаваат.
По спогодбата, што беше постигната доцна синоќа во Луксембург, а со која на Грција и се даде можност да се спаси од банкрот, вниманието повторно се насочи кон валутната унија.
Според некои аналитичари, договорот може да создаде услови Европската централна банка во следните неколку недели да почне да купува грчки државни обврзници според својата програма за стимулирање на економијата и веројатно да го отвори патот за враќање на оваа земја на пазарот на капиталот.
Грција ќе се врати на пазарот кога каматите на нејзините обврзници ќе паднат под пет отсто, за британските медиуми во мај посочи информиран неименуван извор. Тоа може да се случи доколку ЕЦБ ги вклучи грчките обврзници во своите тргувања.