Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција побара да се одржи седница на која што ќе се разгледува состојбата со запалената депонија во Струга.
„Денес пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ побараа по итна постапка да се одржи седница на која што ќе се разгледува алармантната состојба во Струга со запалената и загадувањето од депонијата која што со денови ги труе стружани.
Сметаме дека, како одговорни пратеници мораме и имаме должност да реагираме и да работиме оваа ситуација во Струга да се надмине.
Загадувањето од депонијата во Струга е проблем со кој што се соочени и Македонците и Албанците и Турците и Власите и сите останати граѓани кои што живеат во овој град и токму затоа апелираме наместо мнозинството да се обидува да му дава политичка конотација на проблемот, да седнеме сите заедно без меѓусебни обвинувања да го решиме овој голем проблем за стружани и струшко.
Собранието е должно да побара информации од владините институции за тоа што се случува во Струга и да достават информации што е превземено во Струга за да се санира овој проблем кој што цела недела ги мачи сите граѓани на Струга.
Ние како пратеници, побаравме од пратеникот Талат Џафери да се обрати до Владата. Да ги побара потребните информации за оваа ситуација и во најкраток можен рок да закаже итна седница на Собранието, бидејќи е очигледно дека ниту една институција не превзема никакви мерки за овој проблем кој што секојдневно станува се по опасен.
На овој начин ќе докажеме дека Собранието на Република Македонија покажува совест и се грижи за сите проблеми кои ги засегаат граѓаните.
На ова барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ колегата Tалат Џафери се обиде да се изземе од одговорност да постапи по нашето барање иако Деловникот за работа предвидува можност тој да свика итна седница и да побара информација од засегнатите институции во врска со овој проблем. Џафери на крајно недемократски начин се обиде да ја затвори оваа тема и не дозволуваше порцедурални забелешки на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓутоа, темата за депонијата во Струга е важна и не може, и не смее да биде замолчена со одземање на збор на пратеник.
И воопшто, сакаме да дадеме до знаење до целата јавност дека никој во Собранието на Република Македонија нема право да му одземе право на говор на ниту еден пратеник.
Ние пратениците сме избрани од граѓаните и наша должност е да бидеме нивниот глас во Собранието на Република Македонија и тоа нема да дозволиме никој да го игнорира.
Апелираме до пратеникот Талат Џафери да не ја узурпира и злоупотребува позицијата на која што нелегално е поставен и да го гарантира правото на говор на секој пратеник, право што е основа за функционирање на секој законодaвен дом во светот во сите демократски земји“ рече Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.