Заклучно со 31 мај потрошени повеќе пари од планираното во МО

Од:

Реализацијата на буџетот во Министерството за одбрана заклучно со 31 мај во дел од трошоците е повисок од очекуваните 42 проценти и го доведува во прашање натамошното работење, но проблемите ќе бидат надминати со ребаланс на буџетот односно пренамена на дел од средствата.

Како што информираа високи претставници на Министерството на денешниот брифинг, нема да се дозволи вработените во одбраната да останат без своите законски утврдени права за надомест.

Посочуваат дека искористеноста во делот на патните и дневните расходи е 60 проценти. Во делот на субвенции и трансфери околу 71 процент, а во делот на набавка на мебел 73 проценти. Анализата на трошењата заклучно со посочениот датум за првите пет месеци од годинава покажува дека недостигот на средства до крајот на годината ќе изнесува 261 милион денари.

Во делот на капиталните расходи, односно за набавка на опрема и оружје реализирани се само пет проценти од предвидените средства поради што за таа ставка во буџетот на одбраната ќе има вишок од 586 милиони денари. Констатирано е дека во овој дел Министерството има почнато пет проекти за набавка по различни основи, поконкретно пред изборите биле потпишани пет договори од поранешниот министер Зоран Јолевски од кои четири се со една иста компанија – Елбит од Израел. Но, како што посочуваат од МО, четири од нив чија вкупна вредност изнесува околу 82 милиони евра, министерот Јолевски без образложение ги поништил на 29 мај, два дена пред изборот на новата Влада.

Правните служби во МО оцениле дека засега нема правни последици во однос на поништувањето на договорите, но се смета оти тоа ќе има лошо влијание врз имиџот на земјата кај компаниите и во НАТО.

Во однос на униформите и чизми за армискиот состав од МО посочуваат дека потребата е голема и ќе се направи напор во наредните месеци да се извршат јавни набавки, нагласувајќи притоа дека самата постапка за набавка одзема доста време.

Буџетот на Министерството за одбрана за 2017 година изнесува околу 100 милиони евра, а цел ќе биде средствата за Армијата во наредниот буџет да се зголемат. Во делот на модернизацијата ќе се инсистира на подготовка на конкретен план и реализација на приоритетните потреби за што ќе биде побаран и совет од НАТО.

Во однос на очекувањата во делот на НАТО интеграциите на денешниот брифинг со новинарите беше посочено дека генерално кај многу земји членки кај НАТО постои искрена волја Македонија да биде примена во Алијансата. Но, се посочува и на заклучоците од Букурешкиот и од последниот Самит на НАТО во Варшава каде на Македонија и беа испорачани покрај решавање на спорот за името и дополнителни услови во делот на демократските институции, владеење на правото борбата против корупцијата, независност на медиумите.

– Долго време точна беше проценката дека само името е пречка. Сега не е само името, сега Македонија ќе треба да понуди резултати, односно решавање на дел од проблемите кои НАТО ги истакна во дел од заклучоците од Варшавскиот самит. Нашата заложба и кај генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и на другите средби е дека ние сме подготвени Македонија да покажеме обновена зрелост, оптимизам, реформи, меѓутоа сметаме и дека вратата треба да се отвори кон Македонија. Нашата цел ќе биде да работиме на тој план. Нема готови решенија, туку ние треба да ги создаваме решенијата да ги убедиме земјите членки на Алијансата, ние треба на некој начин да се вратиме како позитивна тема на НАТО состаноците, беше истакнато на брифингот во МО.

Инаку, на средбата во Министерството за одбрана беше посочено дека Армијата ќе остане на јужната граница и дека ќе се побара од Владата кризната состојба да се продолжи за уште шест месеци. Практично дел од зголемените оперативни трошоци на Армијата се должат токму на ангажманот на воените структури на јужната гранична линија на земјата.

Би можело да ве интересира

Елфет Исмаили нова заменик министерка за одбрана

МО: Насковски уште во мај 2023 година е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација НСПВ

НСПВ: Министерството за одбрана ја сопре членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување

Горан Наумовски

Петровска: Пристигнато е ново барање од украинска страна за воена помош во моментов се разгледува

Горан Наумовски

Петровска со иницијатива за подигање спомен обележје во Тетово за загинатите во масакрот кај Вејце

Ана Ололовска

Петровска: Речиси 90 милиони евра за воена опрема, учеството во странски мисии ќе чини над 10 милиони евра

A1on