Познатиот режисер Оливер Стоун во моментов ја промовира неговиот последен документарен филм наречен „Интервјуа со Путин“. Документарецот е сниман во период од две години, откако режисерот поминал повеќе од 20 часа со рускиот претседател.
Во понеделникот Стоун гостуваше во популарното ток-шоу „The Late Show“, каде што домаќин е Стивен Колбер, каде што според реакциите на публиката и на водителот, Стоун застанал премногу во одбрана на рускиот лидер.
– Тој е претседател на држава. Се занимава со интересите на Русија. Го почитувам за тоа и разбирам зошто ги прави работите кои што ги прави. Никогаш не сум го слушнал да зборува лошо за САД. Сум го видел како се обидува да пристапи и да изгради позитивни односи, рече Стоун во интервјуто.
Режисерот наиде на критики од Колбер и исмевање од публиката, поради тоа што дозволил Путин да го искористи неговиот документарен филм како пропаганда, а според кажувањата од членови на публиката и нивни објави на социјалните мрежи, атмосферата за време на снимањето на интервјуто била многу пожестока.
Според Т.Џ. Милер, од шоуто Силициумска долина, реакциите на публиката биле многу пожестоки, а Стоун рекол дека Израел многу повеќе се мешал во американските избори од Русија.
По таквите реакции од публиката, Стоун станал поагресивен и влегувал во конфликти со нив, а слично почнал да се однесува и водителот Стивен Колбер.
Сепак во конечната, емитувана верзија од интервјуто некои од овие делови се исечени.