Талентираните ученици од ООУ „Ванчо Китанов“ од Пехчево кои добиле награди на државни натпревари во разни области, оваа година ќе бидат наградени од страна на oпштината.
Ова денеска го истакна градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, кој рече дека локалната самоуправа и Советот на општината донеле таква одлука со цел да се мотивираат учениците за да продолжат со одличниот успех во школувањето и во иднина достојно да ја презентираат општината.
– Во тек е поднесувањето на потребната документација, а општина Пехчево ќе ги награди сите ученици кои добиле награди на државни натпревари со благодарница и паричен надомест во вредност од 6.000 денари за освоено прво место на државни натпревари, 3.000 денари за освоено второ место и 2.000 денари за освоено трето место. Тие се наши амбасадори кои на вистински начин им покажуваат на идните генерации како да се грижат за напредокот и развојот на локалната средина и државата, истакна Поповски.
Во знак на благодарност за нивните постигнувања, на 13 јули на празникот на градот, Павловден, на отворањето на Фестивалот на дувачки оркестри, ќе бидат доделени и благодарници за особени постигнувања и постигнати резултати и афирмација во областа на образованието.