Над 180 илјади објекти во Македонија се легализирани и впишани во Катастарот на недвижности. Граѓаните и компаниите имаат имотни листови и можат со нив да тргуваат да ги стават под закуп односно да ги употребуваат, информира денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, одговарајќи на новинарски прашања.
Според Трпески, новата Влада ќе треба да го реши прашањето кое остана отворено за околу 15.000 барања за легализација, за кои не беа изготвени геодетски елаборати во зкаонскиот рок што истече на 31 декември минатата година. За тоа, смета Трпески, ќе треба интервенција во Законот за третман на бесправно изградени објекти. Катастарот и на почетокот на јануари бараше продлжување на рокот за составување елаборати.
– Остана отворено прашањето кое оваа Влада треба да го реши за геодетските елаборати поради рокот што не беше доволен навреме да се изработат геодетските елаборати за барањата коишто беа поднесени заклучно со 4 септември 2011 година. Тој рок истече на 31 декември 2016 година и според проценките кои ги направивме заедно со Комората на овластени геодети за околу 15.000 барања останаа недозавршени геодетските елаборати и се наоѓаат во еден вакуум простор. Ова прашање секако мора да се реши за граѓаните и компаниите да може да го искористат своето право за легализација, изјави Трпески, кој присуствуваше на одбележувањето 70 години гедетска управа во Македонија.
Во првиот рок за легалзиација во 2011 година беа доставени над 360.000 барања, а во дополнителниот рок на почетокот уште 80.000 барања.
Прашан дали има барање од Специјалното јавно обвинителство за доставување податоци за нивни предмети, Трпески наведе дека Агенцијата за катастар на недвижности со сите обвинителства во Македонија, вклучително и со Специјалното јавно обвинителство има договор за соработка кој опфаќа директен пристап до податоците на катастарот и тие се достапни 24 часа.