Иран и Сирија од борбата против тероризмот ќе излезат како победници, порача денеска сирискиот претседател Башар ал-Асад, осудувајќи го двојниот напад во Техеран во кој 17 лица беа убиени.
Асад ова го кажа во телефонски разговор со иранскиот колега Хасан Рохани.
Рохани ја потврди поддршката за Владата на Асад и вети борба против „терористите и нивните приврзаници“, јавија сириските државни медиуми.
Министерството за разузнавачки работи на Иран објави дека нападите ги извеле петмина мажи, Иранци кои и се приклучиле на Исламска држава во Ирак и Сирија, а минатото лето се вратиле во Иран.
Иранското Министерство ги објави фотографиите и имињата, без презимињата, на убиените напаѓачи кои, како што се наведе, биле членови на мрежата која во Иран влегла во периодот јули-август 2016 година под водство на „високо рангираниот командант на Даеш“ Абу Ајша, со намера да „изведуваат терористички операции во верски градови“.
Абу Ајша е убиен, а мрежата била присилена да побегне од земјата, се напоменува во соопштението.
Засега останува нејасно кога петмината напаѓачи се вратиле во Иран, напоменуваат француските медиуми.
Бројот на убиени во двата вчерашни напади во Техеран, за кои одговорноста ја презеде Исламска држава, нарасна на 17, додека повеќе од 40 лица се ранети.
Нападите беа изведени врз парламентот и мавзолејот на револуционерниот верски лидер, ајатолахот Рухола Хомеини, а се први што во Иран ги изведе Исламска држава.