Бомбашот од Манчестер, Салман Абеди, зборувал по телефон, со својот помлад брат Хашим, само 15 минути пред терористичкиот напад, во кој беа убиени 22 лица, од кои седум деца, а други 116 беа повредени, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на свои безбедносни извори.
Според либиските специјални сили за одбрана, на кои се повикува американската телвизиска компанија, братот Хашим Абеди, кој е уапсен во Триполи веднаш по терористичкиот напад, знаел за сите патувања и движењето на постариот брат, како и за неговите постапки.
Претставникот на овие либиски сили, Бен Салем во интервју за еден домашен тв канал, рекол дека уапсениот брат знаел и за заговорот што се подготвувал, но дека во текот на испрашувањето тврдел оти не знаел каде и кога ќе се изврши нападот.
Специјалните либиски сили кои во нормални услови се под контролата на министерот за внатрешни работи, во меѓувреме го уапсиле и Рамадан ал Абеди, за кого се вели дека е татко на Хашим.
Бен Салем во телевизиското интервју рекол дека двајцата браќа биле припадници на џихадистите од Исламска држава (ИД) , но и дека помладиот брат Хашим бил во посета на Манчестер, кога „се планирал нападот и дека знаел за тоа„.
Терористот Салман престојувал во Либија од 19 април до 17 мај, отако претходно на семејството им рекол дека ќе патува во Саудиска Арабија на аџилак.
Британските безбедносни власти кои трагаат по деталите за нападот од минатиот понеделник, веруваат дека бомбашот не дејствувал сам и дека е дел од некоја поширока мрежа, објаснувајќи го тоа со „софистицираноста„ на експлозивната направа. Истрагата во Британија верува дека терористот бил во Либија на обука во некои од тамошните кампови на ИД и на другите милитантни исламистички групи кои го користат хаосот во оваа земја, по насилното соборување на Моамер Гадафи и непостоењето централна власт и безбедни граници.
Во интервјуто, претставникот на либиските специјални сили за одбрана, не верува дека Салман Абеди се обучувал за терорист некаде на либиски територија. Тој тврди, повикувајќи се на изјавите од сослушувањето на братот Хашим, дека „целата работа околу нападот била направена во Манчестер„ уште пред крајот на минатата година.
Американски извори, за Си-Ен-Ен изјавиле дека „многу е веројатно“ оти бомбашот од Манчестер обука за војување и тероризам има стекнато во Сирија, каде исто така престојувал и каде бил дел од ИД.