Македонската опера и балет вечер ќе организира хуманитарен концерт на пијанистот Дино Имери за да се соберат пари за натамошно лекување во странство на младиот пијанист-ученик Никола Алексовски.
– Сите хумани граѓани ќе може да донираат преку купување билет со симболична цена во МОБ, како и преку трансакциската сметка на неговата мајка: Елизабета Алексовска 300007085053957 Комерцијална банка АД Скопје, информира Македонската опера и балет.
На хуманитарниот концерт Имери ќе ги изведе: Сонатата бр.23 оп.57 „Апасионата“ на Бетовен и три дела од Лист – „Ла Кампанела“, Мефисто Валцер бр.1 и Унгарска рапсодија бр.2.
Дино Имери (1990) е еден од најперспективните македонски пијанисти, кој своето образование го стекнал кај професорите Људмила и Борис Романови и кај Симон Трпчески, а гостувал на познати европски концертни подиуми.
Овој концерт е замена за откажаната оперска претстава „Мадам Батерфлај“ на Националниот театар на опера и балет на Албанија која требаше да биде изведена утревечер во рамки на фестивалот Мајски оперски вечери.
МОН претходно соопшти дека билетите купени за „Мадам Батерфлај“ може да бидат заменети за хуманитарниот концерт или да се вратат на нејзината билетарница.