Лошите временски услови и денеска го отежнаа одвивањето на авиосообраќајот и на железничкиот и меѓуградскиот патен превоз. Поради магла летот на релацијата Скопје – Белград на ЈАТ предвиден за изутринава е откажан, а полета авионот на Wizz Air за Лондон, покажува информаторот на веб страницата на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива по влажни коловози поради врнежите од дожд и снег во утринските часови.
Забрана за движење на тешки товарни возила е воведена на патниот правец Гостивар-Кичево преку планискиот превој Стража поради врнежите од снег и остатоци од снег на коловозот. Забавен и отежнат е меѓуградскиот автобуски превоз со доцнења до половина час на пристигањата и тргнувањата. Железничкиот сообраќај се одвива без проблеми со минимални задоцнувања.