Најкусата, во последните десетина години, средба на лидерите на земјите-членки на НАТО се одржа вчера во Брисел, соопштуваат светските агенции.
На неа, практично без дискусија, беа донесени неколку однапред договорени решенија, како што е одлуката Алијансата да пристапи кон коалицијата против „Исламска држава” под команда на САД, изготвување на годишни национални планови од земјите-членки за исполнување на целта во однос на трошоците за одбрана во износ од два проценти од нивниот БДП до 2024 година, и создавање на антитерористички центар за размена на информации.
Не беа усвоени никакви завршни документи на средбата. Самитот беше свикан главно од две причини – запознавање на блокот со новиот претседател на САД Доналд Трамп и откривање на новата зграда на НАТО, пренесува БТА.
Средбата траеше околу шест часа, од што, половина време беше одредено за церемонијата на отворањето на новата зграда на Алијансата.
Вообичаено, средбите на високо ниво на НАТО се свикуваат двапати во годината, траат два дена и вклучуваат цела серија работилници меѓу лидерите на Алијансата во различни формати. На крајот, обично се усвојува завршна декларација, која има значење на програмски документ до следната средба. Таква беше средбата во Варшава пред 10 месеци.
Следниот самит ќе биде во 2018 година, соопшти генералниот секретар Јенс Столтенберг, без да прецизира каде ќе се одржи.
Столтенберг изјави дека претседателот на САД Доналд Трамп го поставил пред сојузниците прашањето за зголемување на нивните воени трошоци. Генералниот секретар на Алијансата додаде дека некои од земјите се согласиле дека треба да ги зголемат воените трошоци, но не за да угодат на САД, туку поради сопствените одбранбени интереси.
Учесниците на средбата одлучија да подготват национални планови за зголемувањето на трошоците. Столтенберг изјави дека првата проценка во однос на реализацијата на овие планови ќе биде направена на самитот на министрите за надворешни работи од НАТО, во декември. Секој од плановите ќе вклучува конкретни обврски за етапно зголемување на воениот буџет до 2 проценти од Бруто домашниот производ. Тие ќе содржат и конкретни податоци за тоа колкав дел од средствата на земјите ќе бидат за нови оружја и колкав за учество во воените операции на НАТО.
Доналд Трамп истакна дека два проценти од БДП е апсолутниот минимум, потребен на земјите од Алијансата за надградба на нивните воени способности.
– Од 28-те членки на Унијата, 23 се задолжени со огромни суми кон американските даночни обврзници. САД трошат за одбрана повеќе од сите земји заедно, изјави американскиот претседател.
Покрај САД, само Велика Британија, Турција, Грција и Полска имаат воени трошоци на ниво од 2 проценти од БДП.