Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на претпладневната координација доставил предлог Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно правната комисија да завршат со разгледување на амандманите за буџетот за 2013 до утре вечер. Во меѓувреме доколку вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески оцени дека некои од амандманите на опозицијата се прифатливи и таквиот буџет да биде доставен до Владата.
Од друга страна, пак, Владата да го разгледа предлогот на опозицијата и во среда во 10 часот да биде закажана нова координативна средба во Парламентот на која би се разгледувал одговорот од Владата во однос на предлогот. Предлогот на Вељаноски е врз основа на членот 180 од Деловникот за работа на Парламентот.
Опозицијата, според информации од кабинетот на претседателот на Собранието, не го прифатила овој предлог бидејќи, како што велат од таму, тие не сакаат временски рамки тврдејќи дека Комисијата за финансирање и буџет работи. Инсистират да се прифати нивниот предлог за скратување на трошењата од буџетот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека предлогот на претседателот Вељаноски е во разумна насока, а предлогот на СДСМ е надвор од Деловникот за работа на Собранието.
Во моментов е дадена пауза и според информациите се чека на следното продолжение закажано за 15 часот и 15 минути да се достават нови предлози.
Вељаноски ја закажа координацијата по вчерашните инциденти на седниците на Законодаво-правната и на Комисијата за финансирање и буџет на кои се разгледуваше Буџетот за 2013 година. Власта ја обвинува опозицијата дека со многубројните поднесени амандмани го бликира донесувањето на буџетот со што се доведуваат во прашање функционирањето на државата и исплатата на пензиите, социјалната помош, земјоделските субвенции, како и платите на админситрацијата. Опозицијата, пак, бара да се прифати нивниот предлог за кратење на буџетот за дадат зелено светло за државната каса за 2013 година.