Францускиот претседател Емануел Макрон на 29 мај во замокот Версај ќе го прими шефот на руската држава Владимир Путин, соопшти денеска Елисејската палата.
Според претставник на Кабинетот на Макрон, средбата ќе се одржи по повод отворањето на изложбата посветена на 300-та годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Франција и Русија.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, изложбата, кој е поврзана со посетата на рускиот цар Петар Велики на Франција во 1717, се реализира во партнерство со музејот „Ермитаж“ од Санкт Петербург.
Средбата ќе следи по минатонеделниот телефонски разговор меѓу Макрон и Путин, при кој, како што беше соопштено, станало збор за „регионалните кризи во Украина и Сирија“.
Односите меѓу Франција и Русија се влошија по руската анексија на Крим и поради поддршка на Москва на сирискиот претседател Башар Асад и на проруските сепаратисти во источна Украина.
Веднаш по изборот на Макрон за француски претседател, Путин го повика да „да ја надминат взаемната недоверба“ меѓу двете земји.