Справувањето со исламистичкиот екстремизам и тероризам не претставува судир на цивилизациите, туку борба на доброто против злото, изјави денеска во Ријад американскиот претседател Доналд Трамп.
– Ова е борба меѓу варварските криминалци, кои се обидуваат да ги искоренат човечкиот живот и пристојните луѓе од сите религии, кои се обидуваат да ги заштитат, истакна Трамп во обраќањето пред високите претставници на околу 55 муслимански земји во саудискиот главен град.
Трамп нагласи дека им упатува порака за надеж и љубов од САД и повика на создавање на коалиција на државите од Блискиот Исток, чија цел ќе биде ликвидирање на екстремизмот.
Тој при тоа апелираше до муслиманските земји на „искрено спротивставување на исламистичкиот екстремизам и на исламистичките терористички групи кои го промовираат“.
– Тоа значи да се застане заедно против убивањето на невините муслимани, против репресиите над жените, против прогонувањето на еверите и против маскарите над христијаните, истакна Трамп.
Обраќањето на Трамп аналитичарите го толкуваат како обид на САД да обезбеди поддршка од муслимаснките и пред се арапските земји во борбата против џихадистичката група Исламска држава, која и натаму контролира големи територии во Сирија и Ирак и е активна и во други доминантно исламски земји, како Либија, Авганистан и Египет.
Трамп, кој од вчера престојува во дводневна посета на Саудиска Арабија, претходно денеска во Ријад се сретна со лидерите на шесте земји членки на Советот за соработка во Персискиот Залив, со кои разговараше за конфликтите во Јемен и Сирија и односите со Иран.
Во рамки на средбата беше потпишан договор за формирање на центар за мониторинг на финасиските токови, како мерка за спречување на финансирањето на терорзимот. Договорот го потпишаа американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во името на САД и саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Најеф ал Сауд во името на земјите од Заливот.
Од Ријад, Трамп ќе отпатува во Израел, како втора етапа од неговата прва официјална посета во странство по преземањето на претседателската функција.