Како лидер на партија имам одговорност дадените ветувања кон граѓаните да бидат реализирани и затоа ќе продолжам да ги следам реализациите на проектите што сме ги ветиле и ќе продолжам тоа да го правам, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по денешниот увид во работите на реконструкцијата на Офицерскиот дом запрашан за дилемите кај некои медиуми во какво својство ги врши увидите на објекти во градба.
– Сакам во оваа прилика да појаснам дека се појавувам во својство на водач на партија, претседател на партија што дала ветувања пред граѓаните, која што многу внимателно ветува и добро се пресметува кога ветува, но уште повнимателно се однесува кога вететното треба да се реализира и да се спроведе. Јас сум тој кој ги дава ветувањата. Јас сум тој што застанува зад таа програма и го става потписот на таа програма. Јас сум тој кој оди по митинзи и на средби со граѓаните им ветува проект по проект со рокови кога нешто ќе биде завршено. Природно за секој одговорен човек е да бидам тој кој ќе се грижи секој проект да се заврши навреме и така како што сме го ветиле на граѓаните, рече Груевски.
Тој нагласи дека и понатаму ќе продолжи со следење на реализацијата на ветените проекти.
– Јас имам одговорност и оние коишто сакаат и ги деградираат нашите активности да не ги даваат активностите и ја вртат темата зошто воопшто се појавувам, нема да им ја направам таа услуга и ќе продолжам сите оние проекти што сме ги ветиле на граѓаните да ги следам за да се завршат навреме и со квалитетот што бил предвиден. И не случајно ВМРО-ДПМНЕ 11 години на 10 избори постојано ја добива довербата затоа што внимава што ветува и уште повеќе внимава тоа што го ветува да се реализира навреме, а ако е можно некогаш и предвреме. Инаку, што се однесува до СДСМ и некои медиуми блиски до нив, најдобро би било за нив јас да не се појавувам, да ме снема. Знам дека тие најмногу го посакуваат тоа. Меѓутоа, не сум во можност да им ја завршам таа работа, рече лидерoт на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.