Четирите најдобри екипи сезонава од кошаркарската Евролига денеска ги играат полуфиналните натпревари на „Фајнл фор“ турнирот што се одржува во Истанбул.
Трофејот ќе го брани ЦСКА Москва, која лани во финалето беше поуспешна од турската екипа Фенербахче.
Распоредот на полуфиналните дуели овозможува овие две екипи доколку победат денеска повторно в недела во финалето да решаваат за титулата европски шампион. Во првото полуфинале од 17:30 часот играат ЦСКА Москва и Олимпијакос, додека во терминот од 20:30 часот е дуелот Фенербахче – Реал Мадрид.
Четирите учесници на „фајнл фор“ турнирот во Истанбул имаат заедно освоено 19 титули европски првак (Реал Мадрид – 9; ЦСКА – 7; Олимпијакос – 3), додека заедно имаат 39 учества на завршните турнири.
Единствено екипата на Фенербахче во која настапува македонскиот интернационалец Перо Антиќ нема титула европски шампион, но затоа пак Антиќ има две титули како играч на Олимпијакос.
Победниците од денешните дуели ќе играат во неделното финале, додека поразените ќе играат во натпреварот за 3. место.