Во Домот за култура „Марко Цепенков“ синоќа се одржа Интернационалната изложба на млади фотографи – „Youth Photo Week“ во организација на Фото Кино клубот од Прилеп.
Беа изложени 50 фотографии на аматери-фотографи од девет земји кои изминатите шест години учествувале на најголемиот фестивал во регионот за млади фотографи „Youth Photo Week“ во Карловац, Хрватска.
Според Анастасија Бошкоска, член на прилепскиот Фото кино клуб, преку овој проект фотографите ќе постигнат глобална промоција на нивната работа.
– Интернационалната изложба на млади фотографи содржи дела од непознати фотографи во повеќе од девет различни земји, како што се Бразил, Холандија, Србија, Македонија, Франција, Литванија, Хрватска, Косово и Бугарија. Проектот е предводен од „Izvan Fokusa“ од Карловац, Хрватска како и преку општата организација со партнери од повеќе земји. „Youth Photo Week“ се покажа како еден од најголемите настани за млади фотографи во Хрватска и во околниот регион. Ова е уникатен проект кој ги промовира туристичките потенцијали и убавини на Хрватска преку уметноста на фотографијата, а исто така ги информира и едуцира младите фотографи и ги запознава со хрватското природно и културно наследство. „Youth Photo Week“ им обезбедува на младите обука и конкуренција, како и хостинг на целосниот опсег на градот преку културни настани како што се концерти, филмски проекции и изложби, рече Бошкоска.
Целта на проектот е да ги поттикне младите фотографи да се подобруваат во процесот на креирање на фотографии и максимално да го развијат нивниот креативен потенцијал.
Досега во оваа програма биле вклучени повеќе од 300 млади фотографи.
Од Фото кино клубот велат дека оваа изложба претставува и повик до сите заинтересирани аматери по фотографија да учествуваат и на 7. издание на „Youth Photo Week“.