Здружението на граѓани „ФАД Стоби“ во својство на организатор на 54-тите „Рацинови средби“ соопшти дека во официјалната конкуренција за наградата „Рациново признание“ за 2017 влегуваат 20 прозни дела.
Во конкуренција се делата „Враќањето на козите“ од Луан Старова, „Војници со гумени чизми“ од Ивица Челиковиќ, „Мојот непријател Итар Пејо“ од Калина Малеска, „(СО)шиени раскази“ од Оливера Ќорвезироска, „Одборјување“ од Фросина Пармаковска, „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ од Игор Стојаноски, „Небо без ѕвезди“ од Владимир Мартиновски, „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски, „Хронологија на опстојот“ од Петре Димовски, „Јас и Лин одпосле“ од Ана Стојаноска, „Се гледаме наскоро. е.“ од Драгана Ефтимова и Владимир Лукаш, „Мулен руж“ од Вера Лилчиќ, „Тато, имаме приказна!“ од Александар и Гала Таковски, „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ од Ѕвездан Ѓеоргиевски, „Ананка“ од Јусуф Сулејман, „Се буди ѕверот“ од Велко Неделковски, „Круг“ од Димитар Башевски, „На работ од времето“ од Моника Трајковска, „Бродот.конзархија“ од Томислав Османли, и „Синот-риба“ од Александар Прокопиев.
Директорот на манифестацијата Васил Зафирчев информира дека во составот на стручната жири-комисија за доделување на наградата се писателите Сашо Димоски и Владимир Јанковски како минатогодишни лауреати на „Рациновото признание“ и Марија Ѓоргиева Димова, редовен професор на катедрата по Општа и компаративна книжевност.
Стручната жири-комисија ќе ја објави одлуката на прес-конференција на 5 или 6 јуни, откако претходно на 3 јуни ќе заседава и ќе одлучи за добитникот на ова престижно книжевно признание.
Наградата „Рациново признание“ се состои од плакета и паричен износ во висина од 60 илјади денари кои на добитникот ќе му бидат врачени на свеченото затворање на манифестацијата на 10 јуни.
Традиционалната културна манифестација „Рацинови средби“, која од 1963 година до денес континуирано се одржува во чест на поетот и револуционер Коста Солев Рацин во неговиот роден Велес, годинава ќе се одржи на 9 и 10 јуни.