Утре нов обид Јавниот обвинител Марко Зврлевски и претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, да ги „вдомат“ своите луѓе во обвинителствата. До сега нема официјална најава за ново одложување на седницата.
Советот треба да распише оглас за обвинител во Основното јавно обвинителство-Скопје, да избере и еден заменик на Зврлевски, и да назначи вд шефови до изборот на нови.
Зврлевски опстојува на ставот неговата шефица на кабинет Бисера Лазаревска, да биде избрана за Виш обвинител во Скопје. Проблем е и како да се реши случајот со Вишиот обвинител, кој си даде оставка, по, како што пишуваа медиумите, приватен скандал. Тој нема законска можност да се врати во Тетово од каде што дојде на функцијата .
Минатиот обид беше неуспешен и Аневски ја откажа седницата, затоа што се преброја и виде дека му виси и мнозинството и Бадентер.
Аневски и Зврлевски на седницата од минатата недела сметале на гласот на Зоран Сулејманов кој уште на 17.март требаше да замине во пензија. Но, Сулејманов, и натака си оди на работа и си прима плата како член на Советот.
Сулејманов, кој е најжестокиот критичар на Специјалното јавно обвинителство, беше еден од членовите на Советот, кој го следеше послушно ставот на Аневски и Зврлевски и гласаше за пензионирање на „неподобните“ обвинителите со 64 години, иако им беше укажано дека го кршат Уставот и Законот за работни односи, не го почитуваат ставот од автентичното толкување на законодавно-правната комисија.
Не ни помислуваше дека еден ден нему нема да му одговара оваа одлука. Пензионираните го тужат Советот, и дел од нив ги добија споровите кои сега се на одлучување во повисока судска инстанца, но Сулејманов нема да може да го прави тоа, бидејќи во законскиот рок тој нема доставено барање до Аневски да му биде продолжен работниот однос.
Доколку сепак по секоја цена се сака да се оди на избор и Зоран Сулејманов гласа, ова повлекува кривична одговорност.