Членови на Здружението на пензионери од Велес денеска одржаа мирен протест пред седиштето на СДСМ во Велес, изразувајќи незадоволство од блокадата на буџетот за следната година преку собраниската Комисија за финансирање и буџет и од односот на пратенците на СДСМ и нивниот сограѓанин Марјанчо Николовски, претседател на комисијата.
Тие потенцираат дека неможноста да се донесе буџетот за 2013 годона ќе значи пензионерите да останат без пензии, земјоделците без субвенции и останатите социјално загарозени лица во Македонија и стечајците и другите ранливи категории граѓани да останат без своите месечни надоместоци за живеење.
Од Сојузот на пензионерите велат дека не е точно оти од СДСМ се залагаат за покачување на пензиите од 1 јануари 2013 година, што според нив е невозможно, затоа што токму тие самите го стопираат донесувањето на буџетот. А тоа според Здружението на пензионери ќе значи дека тие нема да добијат пензии, а и останатите граѓани своите месечни надоместоци.
– Ние се бориме за нашите лични права, не сме против СДСМ и некоја друга партија, се залагаме за остварување на своите права, потенцира Киро Јосифов, член на претседателството на Здружението на пензионери на Велес.
Од Здружението велат дека излегле на протести бидејќи не можеле да седат дома и да живеат во страв и чекаат дали ќе ги земат своите пензии во 2013 година и затоа бараат од СДСМ и пред се од Марјанчо Николовски претседател на Комисијата за финансирање и буџет, како што потенцираат да се вразуми да не биде заложник на политиките на Бранко Црвенковски. Воедно како нивни сограѓанин, Николовски да го работи она за што бил изгласан од граѓаните на Велес.
– Не сакаме ни да мислиме што може да се случи во оваа неразумна блокада на Комисијата за финансирање и буџет и го замолуваме Николовски да не ја прави грешката на колешката Цветанка Иванова. Бареме да застане зад потебите на пензионерите и останатите граѓани за кои од животна потреба е навременото донесување на буџетот, рече Љубомир Ѓорѓиев претседател на Здружението на пензионери од Велес во обраќањето до СДСМ.