Македонска поезија во Столичната библиотека во Софија

Од:

Во галеријата на Столичната библиотека во Софија вечерва се читаше поезија од 16 македонски автори, во рамки на шестата „Европска ноќ на литературата“ која во исто време се одржува во уште 12 бугарски градови.

Македонската презентација ја организираше Културно-инфомативниот центар на Република Македонија во Софија, кој петта година е вклучен во организацискиот одбор на овој европски проект, во рамки на програмите ЕУНИК (Европска асоцијација на културни институции). Ноќта на литературата е меѓународен настан на кој истата ноќ во голем број градови низ Европа се одржуваат литературни читања на необични места т.н. гнезда.

Во просторот на Република Македонија беа интерпретирани стихови од Ацо Шопов, Матеја Матевски, Ристо Јачев, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Анте Поповски, Радован Павловски, Славе Ѓорго Димоски, Лилјана Дирјан, Никола Маџиров… застапени во антологијата „Портал на Сонцето”, која минатата година беше објавена од бугарското книгоиздателство „Ерго“.

Стихови читаа актерите Игор Дамјанов, Тодор Тодоров и Ѓорги Георгиев-Антика кои пред голем број посетители ја отпеаја и македонската народна песна „Ако одам во Битола“. Меѓу гостите беше присутен и македонскиот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев.

КИЦ на РМ е меѓу 20-те институции вклучени во поетската ноќ – амбасади, културни институти или центри кои имаат свои седишта во главниот град на Бугарија, меѓу кои оваа година првпат учествуваат и амбасадите на Исланд, Норвешка и Португалија.

– Ме радува што оваа година имаме уште повеќе посетители и што овој настан првлекува и млада публика. За годинашното претставување избравме лирска поезија од македонски поети од различни генерации. Имаме и атрактивен простор – Столичната библиотека која е на фреквентна локација. Задоволен сум од соработката со другите странски партнери во проектот, а особено добра соработка имаме со Чешкиот културен центар кој е лидер на проектот „Европска ноќ на литературата“ во Софија, изјави Васко Шутаров, директор на КИЦ на Република Македонија во Софија.

Настанот официјално беше отворен во Градската градина во Софија, каде што Катерина Хуртаева, директор на Чешкиот центар, истакна дека целта на манифестацијата е да се афирмира современата литература од земјите вклучени во проектот, која е преведена на бугарски јазик. За да се привлече што повеќе публика, читањата се организираат и на необични места и на јавни простори.

Во оваа пригода беше промовиран поезиомат – своевиден џубокс за поезија во кој со притискање копче може да се избираат стихови од 19 светски поети. Меѓу нив е понуден и Ацо Шопов, како поет од Република Македонија, и неговата песна „Ветрот носи убаво време“.

Поезиоматот во Градската градина ќе функционира во наредните два месеца. Тој е изум од Чешка каде има 60-ина поезиомати. Нив досега ги има и во Киев, Лондон, Москва, Венеција и Њујорк.

Би можело да ве интересира

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски