Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители од Македонија и Здружението на пензионери од Кочани денеска на протестен собир го изразија своето незадоволство од работата на Комисијата за финансирање и буџет и од односот на пратениците на СДСМ во Собранието, обвинувајќи дека опозицијата тенденциозно го кочи донесувањето на буџетот за 2013 година.
– Ние земјоделците живееме од сопствениот труд од тоа колку ориз ќе ни даде земјата и од субвенциите што ни ги дава државата. Онолку колку што ќе работиме, толку и ќе заработиме за нашите деца. Да не се субвенциите нема да можеме да опстоиме. Ние за нашата работа земаме надоместок, а гледаме и знаеме дека во собраниските комисии и пратениците земаат плата, а прават се за да ни го загорчат животот. Сега гледаме дека на СДСМ им текнало да го кочат Буџетот, а со тоа директно ја загрозуваат исплатата на субвенциите и нашата егзистенција, Гледаме и не можеме да се начудиме колку ли само не потцениле, истакна Ставре Јанев, претседател на Самостојниот синдикат на земјоделците на Македонија.
Доколку не се изгласа Буџетот, рече Јанев, стотици илјади зенмјоделци ке останат без своите субвенции, ќе биде додведено во прашање понатамошното производство и загрозена егзистенцијата на земјоделските семејства.
Земјоделците од Кочанско на собирот го повикаа СДСМ да не биде непријател на сопствениот народ, да преовлада разумот и чувството на одговорност пред македонските граѓани.
На земјоделците на протестот им се придружија и пензионерите од Кочани кои загрижени за недонесувањето на Буџетот за 2013 година ја искажаа загриженоста за сопствената егзистенција и на своите семејства, бидејќи во просек еден пензионер во Кочани обезбедува егзистенција на шест членови.
Беше упатено протестно писмо до претседателот и членовите на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието нха Република Македонија.