Новиот премиер на Мали Џанго Сисоко, назначен на функцијата од претседателот Дионкунда Траоре, формира влада. Тој на ова место доаѓа по присилното отстранување од функцијата на поранешниот премиер шеик Модибо Диара, чие заминување го бараше воениот врв, пренесоа француските медиуми.
Во новиот кабинет на Мали силни позиции заземаат приврзениците на лидерот на превратниците Амаду Саного, кој во март годинава го собори претседателот Амаду Тумани Туре. По негова наредба неделава беше уапсен и оставка поднесе досегашниот премиер на Мали Модибо Диара, соопштија руските медиуми.
По воениот преврат во Мали настана хаос, што доведе до заземање на северниот дел на оваа африканска земја од исламистите и племињата на Туарезите.
Уапсениот премиер Диара беше приврзеник на идејата во земјата да бидат пуштени воени единици на Економската унија на земјите од Западна Африка за враќање на контролата на владата врз северните региони на Мали. Воениот врв во земјата,меѓутоа, се спротивстави на ова сценарио, соопштувајќи дека сам ќе ги реши сите проблеми.