Македонија поради политичката криза првпат после 20 години напредок се соочува со опасност да назадува во евроинтеграциите. Време е за правилни одлуки од политичарите во насока на задржување на евроинтеграцискиот пат, но и подготвеност од ЕУ за носење одлуки за проширување.
Ова го истакна вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми во воведното излагање на студентскиот натпревар во ораторство на тема „Ја познавам ли доволно ЕУ?“ организиран од Европското движење во Република Македонија, Филозофскиот факултет, Фондацијата Конрад Аденауер и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
– Силно сум разочаран дека Република Македонија, 9. Мај – Денот на Европа првпат го слави во вакви тешки кризни политички околности. И кога за првпат после 20 години напредок е на работ на бездната односно во опасност да назадува во процесот на евроинтеграциите. Затоа нема друга алтернатива, сега е време за правилни одлуки и дела со цел да ја зачуваме нашата и иднината на нашите следни генерации, а тоа сте вие идните европејци и идните членови на големото европско семејство. Сега од страна на политичарите е неопходно да се дејствува во насока на остварување на очекувањата на нашите граѓани, студенти, оние за кои треба да се обезбеди политички и економски простор за да работат и да создаваат дома, а не надвор од земјата, истакна вицепремиерот Адеми.
Токму затоа, додаде, и покрај сите случувања во земјата потребно е јасното задржување на европската перспектива која ќе биде особено значајна за иднината на земјата.
– ЕУ останува нашата дестинација кон која се стремиме но за ова цел да остане натаму валидна мора да се престроиме, да се реформираме и да продолжиме кон единствениот можен и рационален правец, а тоа е движење кон демократијата, градење на функциконални институции, продолжување со длабоки реформи, независно судство, еднаквост за сите и рамномерен развој. Македонија друга алтернатива нема. Од друга страна сите ние, а и вие младите мора да почувствуаме дека ЕУ е подготвена да носи одлука во насока на проширувањето, да ги надминува внатрешните пречки и да отвори пат за европска просперитетна и реформска Македонија, рече вицепремиерот Адеми.
Тој со порака и до студентите да ги користат сите можности кои ги нудат ЕУ програмите и фондови, новите регионални структури како РИКО за создавање на фронт за европска Македонија со пријателски однос со сите наши соседи, регионални партнери и со сите земји членки на евроатлантската заедница.
Претставникот од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Јосип Јурик истакна дека ЕУ е успешен проект не само за мир, туку и за демократија и слободи, и дека иако Унијата во моментов се соочува со предизвици и тешки одлуки за својата иднина, сепак, додаде, на нив треба да се гледа како на една прагматична можност за храбри чекори.
– Парадоксално има и нешто позитивно во Брегзит. Тоа ќе ги направи уште поодлучни тие што ќе останат во Европа. Од земјите кои се кандидати од Балканот Се очекува да имаат јасна перспектива за членство во ЕУ. Меѓутоа за тоа потребно е имплементирање на една визија која гледа надвор од сопствените интереси, рече Јурик.
Професор др. Милева Гуровска, претседател на Европското движење на Македонија истакна дека денешната дебата посветена на Денот на Европа е особено важна токму поради ситуацијата во која денес се наоѓа Македонија, вели, ситуација на конфузност каде треба да излеземе од лавиринтот каде зборот, дијалогот беше заменет со сила и да го надминеме сето тоа.
– На факултетот ги учиме студентите за теоретските аспекти на демократијата. Но кога ќе излеземе надвор од концептот и ќе одиме во практиката таа веќе станува многу сложена и е многу потешко да се спроведе. Токму затоа студентите и нашите дебати ги насочуваме околу виталните прашања коишто треба да бидат разрешени од перспективата на она што ние го знаеме како концепт, но и од перспектива на реалноста, рече Ѓуровска.
Студентскиот натпревар се организира по повод Денот на Европа – 9 Мај, со учество на студенти од поголемите универзитети во земјата. Манифестацијата, традицонално се одржува веќе 10-та година во организација на ЕДМ, а оваа година домаќин е УКИМ.