Истражувања, кампањи, инфографици, брошури и документи за јавни политики изработени како резултат на активностите на 11 под-проекти беа претставени денеска на завршната конфернеција на проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“, на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.
Програмскиот директор на „Метармофозис“ Филип Стојановски рече дека проектот имал за цел да овозможи поддршка за граѓанските организации кои работат на отчетност и транспарентност да помогнат во градење на јавното мислење и поттикнување на граѓанското учество во процесите на носење одлуки.
Според Горан Ризаов од „Метаморфозис“ главната активност на проектот е грантова шема за 11 граѓански организации во Македонија поделени во три области, и тоа транспаретност на локална власт, мултикултурализам и локални пршања и медиумска писменост.
– Транспарентноста и отчетноста на локалната власт се на ниско ниво и овозможувањето на граѓаните да учествуваат во носењето одлуки е ниско, што остава простор за многу работа, како за локалните, така и за централните власти. Алатки постојат и се достапни, меѓутоа тие не се користат, бидејќи не се пристапни. Едноставно граѓаните немаат доволно точни и прецизни информации, кои се тие алатки и на кој начин може да се користат, каде и како може да се дојде до информации од јавен карактер и слично, изјави Ризаов.
Марко Панковски од Инститот за демократија изјави дека, во рамки на проектот било истражувано како општините ги доделуваат средствата во ставката 463.
– Општините имаат тенденција да ги пумпаат буџетите, но имаат сериозни проблеми при нивна реализација. На ниво на Град Скопје 37 проценти од средствата остануваат неискористени. Во 7 од 11 единици на локална самоуправа под Град Скопје спортот е главен приоритет. Околу 48 проценти од проектите се во рамки на спортот, а тие средства опфаќаат над 90 проценти од достапните средства на ниво на Град Скопје, изјави Митевски.
Посочи дека исклучок за тоа е Град Скопје, кој има малку побалансиран пристап и каде се финансираат организации кои работат со маргинализирани заедници, сексуално и репродуктивно здравје или поддршка на постари лица.
Ана Марија Петровска од Центарот за економски анализи, изјави дека Центарот изработил посебен индекс за буџетска транспарентност на општините во цела Македонија.
– Општините генерално даваат напори за редовно и навремено објавување и информирање на граѓаните за буџетските документи, но сепак тие не се доволни. Според индексот буџетската транспарентност на општините е секаде подобрена, освен во вардарскиот регион. Скопскиот регион има 5.9 просечни индексни поени, додека во полошкиот регион тоа е 5.4, во вардарскиот 5.2, североисточниот 6.9, источниот 6.8, југоисточниот 6.8 и во пелагонискиот 7.3 бодови, изјави Петровска.
Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации рече дека општините за 2016 година планирале исплати во висина од 5,5 милиони евра, а исплатиле 4,4 милиони.
– Со највисоки исплати се скопските општини Карпош и Центар со околу 26 милиони денари, од кои Карпош 20 дала на еден, а Центар 22 на друг кошаркарски клуб. По области, 67 проценти од средствата се исплатени на спортски професионални клубови, додека 64 проценти од општините ги исплатиле средствата без да објават јавен повик, изјави Митевски.