Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски преку Фејсбук статус упати порака дека влегувањето на Талат Џафери во кабинетот на претседателот на Собранието било со брутално кршење на Уставот, законот и Деловникот на Собранието.
– Во демократско општество владеењето на мнозинството доколку не се заснова врз начелото на владеење на правото, всушност преставува и се нарекува „Диктатура“. Ниедна демократска влада во светот несмее да биде избрана со кршење на начелото на владеење на правото. Тоа во старт претставува диктатура, напиша Груевски на Фејсбук.
– Талат Џафери влезе во кабинетот на претседателот на Собранието со брутално кршење на Уставот, законот и Деловникот на Собранието. Се што во иднина би се донело со негово учевство, потпис или било каква активност, ќе биде плод на затруено дрво, ќе биде плод на диктаторски акт за назначување на Претседател на Собрание, стои во неговата објава.
– Многу диктаторски влади биле признати од демократски системи, од една или друга причина. Тоа нема да ја смени сликата. Ниту пак дека имале мнозинство, за кое немаше ниту запис, броење, стенограм и слично, за противзаконскиот и противуставен акт, заклучува Груевски.
Во коментарите под оваа објава на Груевски можат да се забележат доста коментари од симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ во кои што го критикуваат лидерот на партијата и пратениците дека тие се виновни што дозволиле да дојде до тоа.
– Кој му дозволи да влезе во таа канцеларија? … зошто дозволивте тоа да се случи?
– Зошто ВМРО не излезе и јавно да го повика народот. Зошто го оставивте народот на цедило?
– Многу работи дозволивте да се случат. И вие имате огромна одговорност. Едно зборувате, а друго правите. Си играте со чувствата на народот.
– И што сега? Само по ФБ ќе се жалите? Или реагирајте и повикајте го членството и симпатизерите на отпор или замолчете не ги поттикнувајте луѓето на своеглави акции.
– Дојде време ВМРО-ДПМНЕ да се исчисти од крлежите. Да се одржи конгрес и да се промени целото раководство.
Ова се само дел од коментарите кои што може да се прочитаат под оваа објава.