Заканите по живот кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев не стивнуваат. Лицето Јован Ване Петров, вработен во Центарот за социјални работи во Кратово му се заканува на Заев дека ловот е отпочнат и нема да престанат додека не завршат со него.
– Зоран Заев, за разлика од твоето обезбедување кое те прашало дали да пука, а ти си дал дозвола ние нема и не прашуваме за одобрение никого. Ловот е отпочнат, ќе те ловиме додека не завршиме со тебе, напиша Петров на социјалните мрежи.
Петров упатувал закани и навреди и до пратеничката Фросина Ременски. Тој на својот Фејсбук профил објавувал статуси каде и се обраќал на Ременски со погрдни зборови. За ваквиот однос, Ременски го известила и актуелниот министер за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими каде укажала дека тој има обврска да укаже и да ги укори поведенија кои го рушат угледот на МТСП и центрите и е неетичко/казниво поведение.
– Лицето Јован Ване Петров е вработен во Центарот за социјални работи – Кратово, а како што гледам си додал и улога на Ќосе. Во текот на целиот мандат што го имав во МТСП се занимаваше со мене (именувајќи ме како Фросина ТАШАК Ременски). Пишуваше се и сешто, бидејќи си мислел дека е голем фраер и ништо не му може, па дури и неговиот министер, напиша Фросина Ременски на својот фејсбук профил.
Екс министерката за труд и социјална политика по објавените повици за ликвидација на Зоран Заев и навредите упатени кон неа од страна на Петров го повика Основното јавно обвинителство како и секторот во МВР кој се занимава со „анализа на профилите на социјалните мрежи“ да ја имаат на ум нивната одговорност за постапување, непостапување или пропуштање по вакви и слични објави.