Новиот селектор на македонската ракометна репрезентација Раул Гонзалез со позитивна енергија го очекува своето деби на кормилото на црвено-жолтите.
Шпанецот е свесен дека претстојните два меча против Исланд за Европското првенство во Хрватска следната година ќе бидат исклучително тешки, но верува дека неговите избраници се кадарни да бидат подобри од противникот.
– Не чекаат два тешки натпревари против Исланд. Сакаме да победиме дома, се подготвуваме и мислам дека ќе успееме. Сакам да победувам со Македонија. Позитивно сум настроен. Очекуваме многу од противниците, ќе тренираме. Ќе го разгледаме составот и ќе гледаме потоа како ќе играме. Имаме играчи кои сакаат да работат. Што се однесува до Исланд, мислам дека нема да биде воопшто лесно против нив. Мора фокусот да ни биде на мечот в четврток, изјави Гонзалез.
Новиот селектор Гонзалез смета дека Арон Палмарсон е најголемата закана за нашата селекција, па токму кон него треба да бидат фокусирани играчите во одбраната.
Првиот од двата натпревари против Исланд, Македонија ќе го игра во четврток (4 мај) со почеток од 20:00 часот во арена „Борис Трајковски“, а три дена подоцна (7 мај) е гостувањето во Рејкјавик.