Лозари и жители од кавадаречкиот крај денеска се собраа пред седиштето на општинската организација на СДСМ во Кавадарци револтирани од блокирањето на Буџетот за 2013 година.
– Во тој буџет се нашите надежи но и судбини. Од неговото донесување зависи дали ќе има пари за нас лозарите за исплата на субвенции. Од таа субвенција зависи дали ќе имаме пари за агротехнички операции зимава. Прашуваме дали Игор Ивановски и Марјанчо Николов ќе дозволат да пропаднеме како лозари? Очигледно со нивната работа во Комисијата за финансии и буџет тоа го прават.
– Штета би било да пропадне родот од најдоброто виногорје во регионот. Недозволиво е опозицијата со илјада амадмани и бесконечни дискусии да го спречи донесувањето на буџетот и спречи исплатата на плати, субвенции и пензии. Кој ќе ги плаќа нашите сметки?, истакна пред насобраниот народ Диме Златев, магистер по лозарство, повикувајќи итно повлекување на амандманите.
Претседателот на регионалниот сојуз на лозарите „Агротиквешија” Љупчо Аризанов истакна дека СДСМ го опструира донесувањето на буџетот иако во свое време, како што рече, „си ги приграбаа фабриките и винарниците и сега си поигруваат со народот а со недонесувањето на буџетот го доведуваат во прашање опстанокот на државата”.
– Овој народ е собран тука оти во прашање е нивната лична егзистенција. Покрај неплатениот род на лозјата на некои лозари од 2009 наваму сега уште ова им треба. Мислам дека лозарите се при крај со нервите оти недонесувањето на буџетот го комплицира целото македонско стопанство. Мислам дека политиката на СДСМ не е во ред. Во прашање е доведена најранливата категорија на граѓани во државата. Ако вака продолжи ќе се создаде хаос во државата, изјави Аризанов.