Повеќе од 75 филмови, работилници, гостувања на реномирани филмски имиња, првата македонска филмска ретроспектива на Стенли Кјубрик, како и прво издание на програмата „Креираме заедно“, содржеше годинашниот 20 јубилеен Скопски филмски фестивал кој заврши синоќа.
Скопскиот филмски фестивал беше отворен на 20 април со „Реквием за госпоѓа Ј.“ филмот на режисерот Бојан Вулетиќ, кој годинава беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. На свеченото отвоврање на Скопје филм фестивал пред публиката се поклони легендарната Мирјана Карановиќ која ја игра главната улога, режисерот и сценарист Вулетиќ, Ненад Дукиќ, главнот продуцент, Томи Салковски, македонскиот продуцент, како и дел од филмската екипа.
Филмовите беа распоредени во осум програми: Гала, Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, во која публиката ја виде најновата македонска филмска комедија во режија на Коле Ангеловски, „Ах љубов моја“, како и новите краткометражни филмови од продукцијата на „Круг“, „Ќе дојдат децата“ и „Чевли“ на режисерите Ана Јакимска и Бранко Костески.
Скопскиот филмски фестивал за својата публика подготви Ретроспектива на Стенли Кјубрик, што беше прва фестивалска ретроспектива на овој легендарен режисер во Македонија, а по тој повод специјален гостин беше Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик. Во рамки на програмата одржа разговор со публиката во киното Милениум.
И годинава, фестивалската публика можеше да ги види најинтересните нови француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, а во рамки на програмата на Краток филм беа прикажани 12 филмови од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански филмови.
Скопје филм фестивал ја реализираше и Детската програма „Креираме заедно“.
Фестивалот и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава, преку програмата „Креираме заедно“, прв пат ги вклучи децата со попреченост во креирањето на фестивалската програма, а во рамки на Детската програма понуди филмови наменети за сите деца кои се обидуваат да урнат табуа и стереотипи за луѓето со попреченост. Во програмата учествуваа ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои во духот на самозастапување говореа за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма.
Креативните работилници ги водеа уметниците: Ване Костуранов (плакат), Наташа Гелевска (фотографија) и Јане Алтипармаков (видеозапис). Проектот се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.
Во рамки на фестивалот, работилница за анимиран филм одржа Берин Тузлиќ, мултимедијален уметник од Сараево. Гостин на фестивалот беше и селекторот на дел од фестивалската програма, Навид Сарин од Франција, информираат организаторите на Скопскиот филсми фестивал.