Сојузот на синдикатите на Македонија најави дека претстојниот Меѓународен ден на трудот 1 мај ќе го прослават работно, со продолжување на разговорите за зголемување на минималната плата во земјава.
– Во наредните денови ќе имаме разговори околу зголемување на минималната плата. На 1 мај, во понеделник, заедно со претставниците на синдикатите ќе разговараме за зголемувањето на минималната плата, бидејќи има можности и простор тоа да се направи, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, пред Свечената седница на ССМ.
Тој истакна дека Министерството заедно со синдикатите и во изминатиот период работеле на подобрување на правата на работниците и оти тоа ќе го прават и во иднина.
– Во рамките на Економско социјалниот совет во изминатиот период беа донесени значајни закони кои се во насока на подобрување на положбата на работниците и тоа ќе го правиме и во иднина, рече Ибрахими.
Верувам, додаде, дека добрата соработка, ќе продолжи и во иднина, бидејќи, како што рече, од заеднички интерес на сите, и на синдикатите и на работодавачите, е работниците да имаат што поголеми права и да уживаат поголеми благодети од нивната работа.
Претседателот на ССМ Живко Митревски истакна дека централно место во одбележувањето, како што рече, на задоволство на сите синдикални партнери, е продолжувањето на разговорите за зголемување на минималната плата во РМ.
– На овој начин сакаме и практично да покажеме дека иако е 1 мај ние работно ќе го прославуваме. За нас е битно да покажеме и да реализираме резултати како што тоа го правевме сите овие години, рече Митревски.
Додаде дека како и во претходните години, и за овој 1 Мај ќе почне реализација на кампања, годинава посветена на реализација на целите и барањата во протоколот за социјален напредок, а една од главните точки на тој протокол е токму зголемувањето на платите и на минималната плата. Ќе продолжиме, рече Митревски, со реализација на натамошната борба за поттикнување на мерките за вработување, со овозможување на социјална инклузија, борба против нееднаквоста и против сиромаштријата.
На свечената седница на ССМ по повод 28 април Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа и 1-мај-Денот на трудот, беа промовирани и прирачник посветен на работничките права со наслов „Дознај за своите права“, како и брошура за запознавање со правата на работниците од општиот колективен договор.