Македонска Каменица денеска му оддаде почит на бранителот Миле Јаневски-Џингар, кој заедно со уште седум припадници на единицата Волци во 2001 на денешен ден беа масакрирани кај Вејце.
Пред спомен-обележјата на Јаневски се поклонија и цвеќе положија членовите на семејството Јаневски, неговите пријатели, колегите од едницата Волци, претставници од општина Македонска Каменица, од институции и здруженија на граѓани.
За сопругата и синот на Јаневски времето не ја лекува болката по сопругот и таткото.
– Еве 16 години истото прашање. Сите велат дека времето лечи се, но лага е, раните остануваат и никогаш не се залекуваат. Шеснаесет години и се е исто, болката не поминува, рече Оливера Јаневска, сопруга на Јаневски-Џингар.
Градоначалникот на општина Македонска Каменица Дарко Митевски истакна дека Македонска Каменица никогаш нема да го заборави Јаневски.
– Жалам што поради актуелната состојба во Собранието на Република Македонија откажани се активностите кои традиционално се одвиваа на овој ден со презентација на вежби од страна на Волците и на националната гарда. Сепак, ние како општина достојно го одбележуваме овој ден. Малите општини немаат секогаш можност да имаат големи херои, но ние како општина го имаме Миле Јаневски-Џунгар. Во негова чест СОУ од нашиот град го носи неговото име, исто така и една улица во градот, организираме меморијален турнир на овој ден во негова чест, а изминатиов период поставивме и три бисти со ликот на Јаневски. Можам да кажам дека во секојдневното живееење, името на Миле Јаневски-Џингар е живо и е длабоо врежано во сите нас, рече Митевски.
Каменичката гимназија каде учат 160 средношколци денеска го одбележува и патрониот празник.