Белата куќа му даде на Пентагон можност поеластично да ја определува бројноста на американските воени контингенти во Ирак и Сирија, пренесе ТАСС.
Со оваа одлука, на министерот за одбрана Џејмс Матис му се даваат овластувања да испрати поголеми сили во Сирија како поддршка на локалните милиции, кои се обидуваат да ја заземат Рака – бастионот на Исламска држава (ИД). Со неа, меѓутоа, министерот за одбрана ќе може и во Ирак да испрати повеќе војници, бидејќи во оваа земја и натаму траат борбите за поттиснување на ИД од Мосул и за стабилизирање на ситуацијата.
Во моментов, според официјални податоци, САД во Ирак има 5.262 војници, а во Сирија 503.
Во текот на последните месеци Пентагон постепено го зголемуваше својот контингент во двете земји, испраќајќи стотици маринци во Сирија и консултанти кон Ирак. Тоа беше направено со одобрение на Белата куќа, но без официјално да се променат ограничувањата врз бројот на војници, утврдени од администрацијата на Обама.
Одлуката на Трамп е последен чекор кон проширување на овластувањата на војниците, забележаа американските медиуми.