Долниот дом на чешкиот Парламент усвои резолуција со која го осудува геноцидот над Ерменците во Отоманското Царство, пренесува ТАСС.
Резолуцијата беше ставена на разгледување во Парламентот од страна на Робин Бигниш, пратеник од владејачката Чешка социјалдемократска партија.
„Домот на пратениците го осудува геноцидот над Ерменците и припадниците на други национални и религиозни малцинства на територијата на Отоманското Царство“, се посочува во документот, донесена вчера.
Претходно чешкиот претседател Милош Земан во писмо до духовниот лидер на ерменската заедница во земјата, истакнал дека „геноцидот над ерменскиот народ во Отоманското Царство е едно од најужасните злосторства во поновата историја“, посочува портпаролот на Претседателскиот кабинет, Иржи Овчачек.
– Не може, а да не ги запомниме настаните кои го однесоа животот на 1,5 милиони невини луѓе, вели Земан во писмото.
Според Ерменија, во периодот од 1915 до 1917 биле убиени 1,5 милиони Ерменци во Отоманското Царство. Досега, повеќе од дваесет земји, меѓу коишто и Франција, Италија и Русија, официјално го признаа геноцидот.
Турција од своја страна, тврди дека се работи за граѓанска војна во којашто загинал меѓу 300 000 и 500 000 Ерменци и уште толку Турци во конфликт во кој отоманските сили и Русија спореле за контролата над Анадолија. Анкара категорично ја отфрла тезата за геноцид.