Венецуелскиот претседател Николас Мадуро повика на преговори со опозицијата за одржување избори, пред денешните масовни антивладини протести, што треба да се одржат во главниот град Каракас и во уште неколку други градови.
Протестите на опозицијата, кои траат три недели, предизвикаа судири на демонстрантите со полицијата, но и со разни провладини милитантни групи. Досега 20 лица ги загубија животите, а се уапсени повеќе од илјада демонстранти. Околу 700 се уште се во притвор.
Преговорите на власта и на опозицијата, што се одржаа минатата година, пропаднаа откако опозициските политичари го обвинија Мадуро дека ги „прекршува сите ветувања и договори“ како и дека ги користи разговорите за да „купува време за себе“.
Во изјава за државната телевизија, Мадуро истакна дека се согласува со одржување избори во земјата, но само за градоначалници и за гувернери во сојузните држави, но не и претседателски.
Опозицијата, која бара претседателски избори најдоцна на почетокот од идната година, сега бара оставка од Мадуро.
Локалните избори и онака треба редовно да се одржат во текот на годината, а гувернерските се од претходно закажани за крајот на оваа година.
Опозицијата го обвинува преѕседателот Мадуро и неговата влада дека се виновни за сегашната хаотична состојба во земјата и за големата економска и социјална криза.
Венецуела иако е богата со нафта, со години по ред се соочува со рецесија, со недостиг на храна и на основните продукти за населението и лекови, за што опозициските политичари ги обвинуваат политиката на популизам на Мадуро и неговата „револуција“ со воведување социјалистичка економија од кубански тип во Венецуела.
Протестите избувнаа откако Врховниот суд во земјата, кој е под контрола на владата, одлучи да суспендира некои од основните овластувања на Парламентот, кој е под контрола на опозицијата.