Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте предупреди денеска дека би можел да биде 50 пати полош од муслиманските екстремисти во таа земја, кои јавно отсекуваат глави и нагласи дека би можел да му го изеде црниот дроб на терорист фатен жив, доколку во тој момент биде во лошо расположение.
Тој им нареди на владините сили да ги убиваат муслуманските екстремисти, кои се во бегство, откако беше осуетен напад во централната покраина Бохол позната како туристичко место, порачувајќи им на војниците да не му ги носат „живи екстремистите“, кои ги нарече „животни“.
– Доколку сакате да бидам животно, можам. Ние сме исто. Можам и јас тоа да го правам и да бидам 50 пати полош, рече Дутерте.
Во говорот на отворањето на локален спортски турнир филипинскиот претседател изјави дека ако му доведат жив терорист додека е во лошо расположение, „треба само да му дадат оцет и сол и оти ќе му го изеде црниот дроб“.
– Вистина е, ако ме налутите, додаде Дутерте.