Еден човек беше застрелан во текот на изминатата ноќ за време на протестите против венецуелскиот претседател Николас Мадуро, соопшти Карлос Окарис, градоначалникот на регионот Сукре, местото каде се случило убиството.
– Со голема болка соопштувам дека Мелвин Гуаитан, скромен работник од Петаре, почина како последица од огнена рана, наведе Окарис на неговиот Твитер налог.
Окарис е член на опозицијата која е дел од организаторите на протестите, на кои досега загинаа девет лица.
– Настојуваме да се откријат виновниците за убиството и да бидат казнети, истакна градоначалникот.
Тој не даде дополнителни детали за случајот.
Од 1 април во Венецуела се одржуваат протести за оставка на претседателот Мадуро.